На 23.05.2022 (понеделник), со почеток во 11:30 часот во рамки на проектот „Дијалог со граѓанските организации – Платформа за структурно учество во ЕУ-интеграциите“ ќе се одржи конференцијата „Високи надежи и големи падови: ставови на граѓаните и граѓанските организации и ефекти од секторските работни групи“.

Конференцијата ќе биде организирана онлајн, на веб-платформата ZOOM, на следниот ЛИНК.

На настанот ќе бидат промовирани податоци од три циклуса на анкетни истражувања, кои беа спроведени во 2020, 2021 и 2022  година. Ќе се направи анализа и ќе се утврдат одредени трендови на клучните наоди од националното истражување со граѓани и од истражувањето со граѓанските организации.

Наодите откриваат колку граѓаните можат да влијаат врз одлуките што се носат во општините и државата; Дали граѓаните се задоволни од своето место на живеење?; Дали процесот на пристапни преговори со ЕУ ќе го подобри животот во нашата земја?; Колку на граѓаните им значи членството на Република Северна Македонија во ЕУ?; Дали граѓанските организации имаат можност да учествуваат во процесот на ЕУ интеграција?; Колкав процент од граѓанските организации слушнале и учествувале во работата на секторските работни групи?.

Воведно обраќање ќе има Сандра АНАСТАСОВСКА, Програмска координаторка, Фондацијата Отворено општество – Македонија, додека наодите од анкетните истражувања ќе ги презентираат Тања ИВАНОВА и Блажен МАЛЕСКИ од Реактор – Истражување во акција.

Свој осврт на темата Каков социјален дијалог ни е потребен на патот кон ЕУ ќе дадат:  Бојан МАРИЧИЌ, Заменик претседател на Владата за европски прашања, Фани КАРАНФИЛОВА-ПАНОВСКА, Извршна директорка, Фондација Отворено општество – Македонија, Ирена ИВАНОВА, Таск менаџер за граѓанско општество, Делегација на Европска Унија и Герман ФИЛКОВ, Претседател, Центар за граѓански комуникации, кои ќе дискутираат за анкетните податоци, ефектите од работата на секторските работни групи и вклученоста на граѓанското општество во пристапувањето кон ЕУ. Дебатата ќе ја модерира Нада НАУМОВСКА, постара програмска координаторка, Фондација Отворено општество – Македонија.

Конференцијата е дел од проектот „Дијалог со граѓанските организации – Платформа за структурно учество во ЕУ-интеграциите“, кој го координира и имплементира Фондацијата Отворено општество – Македонија, со партнерите Реактор – Истражување во акција, Евротинк – Центар за европски стратегии и Центар за граѓански комуникации.

На настанот ќе биде обезбеден симултан превод на англиски јазик. Отворен е за граѓани, граѓански организации и медиуми.