20 септември, 2021 – Денеска, преку видео-конференција, се одржа состанок на Секторската работна група за управување со јавните финансии.

Во воведното обраќање, министерот за финансии, Фатмир Бесими кој претседава со оваа група, даде краток пресек на остварувањата во секторот на јавните финансии, по што претставници на државните институции вклучени во спроведувањето на Програмата за реформа на управувањето со јавните финансии го презентираа нацрт-извештајот за спроведувањето на Акцискиот план од Програмата за првото полугодие годинава, односно од јануари до јуни 2021 година.

Во вториот дел од состанокот, претставниците на набљудувачите во Секторската работна група, односно донаторската заедница и граѓанските организации дискутираа за важни прашања од спроведувањето на реформата на управувањето со јавните финансии. Беше истакната потреба од информација за текот на усвојување на Законот за буџетите од страна на Собранието на РСМ, како круцијален закон за оваа сфера кој чека на усвојување од пратениците повеќе од половина година. Исто така беше побарано, СРГ да дискутира за сите документи пред тие да бидат донесени и истите да бидат доставувани до членовите на СРГ пред нивното усвојување за да може да се даде соодветен придонес од граѓанскиот сектор.

На крајот, претставниците на Министерството за финансии споделија информација за текот и за процесот на подготовка на новата четиригодишна Програма за реформа на управувањето со јавните финансии за периодот 2022-2025 година. Генерално, беше споменато дека оваа програма ќе се фокусира повеќе на спроведувањето на мноштвото документи за јавни политики донесени во претходниот период во рамките на досегашната Програма.