Денеска, 23.05.2022 (понеделник), со почеток во 11.30 часот, во рамки на проектот „Дијалог со граѓанските организации – Платформа за структурно учество во ЕУ-интеграциите“ се одржа онлајн конференцијата „Високи надежи и големи падови: ставови на граѓаните и граѓанските организации и ефекти од секторските работни групи“.
Во првиот дел, Тања Иванова и Блажен Малески од Реактор – Истражување во акција ги промовираа податоците од три циклуса на анкетни истражувања, кои беа спроведени во 2020, 2021 и 2022 година во однос на граѓанското учество, поддршката на граѓаните за интегратвниот процес во ЕУ, како и капацитетите и вклученоста на граѓанските организации во самиот процес на интеграција..
Секој петти граѓанин/граѓанка вели дека се вклучил/а во некоја граѓанска иницијатива пред 2020, но забележуваме и намалување на учеството во следните две истражувања (15% во 2021 и 11% во 2022). Граѓаните без формално образование или со основно образование, значително помалку учествуваат во ваков вид на граѓанско учество од оние со високо образование. Најчеста тематика на иницијативите во кој учествувале граѓани: активности за зачувување на животната средина. Најчеста причина зашто не се вклучиле граѓаните е немање време/можност и незаинтересираност. Постои и мала разлика во однос на полот – мажите почесто се вклучуваат во овој тип на граѓанско учество – посочи Тања Иванова
Во однос на поддршката на граѓаните за интегратвниот процес во ЕУ, Блажен Малески потенцираше неколку клучни податоци:
- Секој четврти граѓанин верува дека процесот на преговори со Европската Унија значително ќе го подобри животот на граѓаните во нашата земја, а над 60% имаат позитивен став во однос на ова прашање (сума од „значително“ и „донекаде“ одговори). Етничките македонци значително помалку веруваат дека процесот со пристапни преговори со ЕУ ќе го подобрат животот на граѓаните (20% помалку од етничките Албанци, 10% помалку од другите етнички заедници)
- Повеќе од половина од граѓаните сметаат дека државата ќе стане подобро место за живеење кога ќе стане членка на ЕУ. Етничките Албанци (67%) и други заедници (69%) значително повеќе веруваат дека ќе стане државата подобро место за живеење со членството во ЕУ, во споредба со етничките македонци (48%). Можеме да забележиме и пад на довербата дека Северна Македонија ќе стане подобро место за живеење кај етничките македонци, при што во 2022 година за прв пат под 50% од етничките македонци веруваат дека ќе стане МКД подобро место за живеење со членството во ЕУ. Што повисоко е образованието, толку е по веројатно дека личноста ќе верува дека ќе стане подобро место за живеење кога ќе стане државата членка на ЕУ (ова важи и за членство и за преговори). Оние кои веруваат дека можат да влијаат на одлуките се поверојатно оние кои веруваат во подобрување на Република Северна Македонија како место за живеење со членство во ЕУ.
Целосните информации од анкетните истражувања можете да ги прочитате на следниов линк.
Вториот дел од конференцијата го отвори Заменик претседател на Владата за европски прашања Бојан Маричиќ кој ја потенцираше важноста на секторските работни групи за пристапниот процес кон ЕУ.
„Зголемениот интензитет и соработка со граѓанските организации ја наметна потребата да почнеме со измените на Деловникот за работа во СРГ, кој се уште е во фаза на консултации, но е потребно да се интензивира. Иницијатива за преместување на секторските работни групи во платформи за поширок дијалог, надминувајќи ја рамката на координација на донаторската помош, ја потврдува важноста на ваков тип на форуми за пристапниот процес кон ЕУ“ – посочи Маричиќ.
Што се однесува до улогата на граѓанските организации во пристапните преговори, Заменик претседателот на Владата за европски прашања посочи дека оваа влада има принципиелни позиции дека пристапот мора да биде инклузивен.
Ние сме за тоа да избереме практичен и функционален модел кој ќе овозможи доволно простор за учество на граѓанските организации. Во моментов во СЕП работиме на ревизија на документите од преговарачката структура од 2019 година со цел да се прилагодиме на новините, кои се резултат пред се на новата методологија за пристапни преговори. Секако, планираме за целиот процес да го консултираме и граѓанското општество и најдоцна до средината на наредниот месец тој процес да биде завршен – дополни Маричиќ.
Извршната директорка на Фондацијата отворено општество – Македонија Фани Каранфилова-Пановска, посочи дека Фондацијата со цел зајакнување на учеството на граѓанското општество во секторскиот пристап во изминатиот период креираше предлог модел за учество на граѓанските организации во секторските работни групи.
Идејата за предлог-моделот е предвидлива и јасна постапка за избор и учество на граѓанските организации во секторските работни групи; зголемена транспарентност на севкупното работење на Секторските работни групи и подобрена можност за суштински придонесување на граѓанските организации во Секторските работни групи. Воедно посочи дека во периодот што следи, ќе биде одржана консултација за Предлог-моделот со граѓанското општество и креирање финален предлог модел за кој заеднички ќе се застапуваат граѓанските организации.
Ирена Иванова од Делегацијата на Европската Унија, посочи дека граѓанските организации се мост помеѓу граѓаните и институциите и донаторите. Со граѓанскиот активизам и со структурниот одговор од страна на институциите и донаторите може да се подобри средината во која живеат граѓаните и да се надмине ЕУ скептицизмот. За тоа е потребно инволвираност односно вклученост на граѓанските организации, информираност на граѓаните и координација односно соработка со институциите со цел соодветно да се креира идната платформа на преговорите кон ЕУ.
Конференцијата ја затвори Герман Филков, Претседател на Центарот за граѓански комуникации, кој посочи дека недостатоците на стуктурниот дијалог може да доведат до губење и пропуштање на шансата да се искористат капацитетите на граѓанските организации поради тоа што во одредени сфери и сектори тоа се највисоките капацитети кои ги има оваа земја и затоа тие треба да се стават во функција и да не останат настрана.
Конференцијата е дел од проектот „Дијалог со граѓанските организации – Платформа за структурно учество во ЕУ-интеграциите“, кој го координира и имплементира Фондацијата Отворено општество – Македонија, со партнерите Реактор – Истражување во акција, Евротинк – Центар за европски стратегии и Центар за граѓански комуникации.