Во рамките на проектот „Дијалог со граѓанските организации – Платформа за структурно учество во ЕУ-интеграциите на 13 декември 2021 година беше одржана регионална консултација со граѓански организации „Граѓанското општество и дијалогот на јавни политики за реформска агенда на ЕУ“ .
Воведно обраќање на Регионалната консултација, во која учествуваа над 90 претставници на граѓански организации и други засегнати страни, имаа Штефан Худолин, Раководител за соработка во Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија и Фани Каранфилова Пановска, Извршна директорка на Фондацијата Отворено општество – Македонија. Во воведното обраќање, Худолин изјави дека функционалниот и редовен дијалог во консултации со граѓанското општество е еден од принципите наведени во основните документи на ЕУ, како што е Лисабонскиот договор. Граѓанските организации во Западниот Балкан веќе се докажаа како важен, а исто така и многу упатен партнер за квалитетот на процесот на проширување, вклучен во политичките, социјалните и економските реформи и во нивните земји и регионално. „Има уште многу што треба да се направи и огромен простор за подобрување за да се создадат вистински функционални и соодветни механизми за вклучување на граѓанското општество во креирањето на политиките и програмите кои се релевантни за процесот на проширување. Од клучно значење е граѓанското општество да има корист од околината што му овозможува да работи слободно, да е вклучено во креирањето политики и во редовен дијалог, а исто така да добива финансиски и институционални потреби што обезбедуваат да биде ослободено од политички или какви било други влијанија. Важно е да се зајакне регионалната и националната меѓу секторска соработка меѓу ГО и да се координираат секторските иницијативи низ Балканот“, истакна Худолин.
Извршната директора на Фондацијата Отворено општество – Македонија, Фани Каранфилова-Пановска истакна дека е разочарување што процесот на проширување е уште еднаш блокиран, со што се поткопува довербата во проширувањето и трансформативната моќ. „Граѓанското општество ја повикува Европската унија да дејствува како кредибилен партнер и да ги исполни своите ветувања за отворање на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија и да ги отстрани пречките што го спречуваат почетокот на разговорите што е можно поскоро. Владите во регионот да останат посветени и практични за спроведување на демократијата, владеењето на правото, доброто владеење, основните права и помирувањето. Граѓанското општество во Северна Македонија е редовно ангажирано со јавни институции и тела како што се Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество и Советот за отворено владино партнерство итн. Потребни се континуирани напори за понатамошно зајакнување на постојниот структуриран дијалог“, оцени Каранфилова-Пановска. Таа истакна дека проектот „Дијалог на ГО – Платформа за структурно учество во ЕУ интеграциите“ е фокусиран на граѓанските организации и нивното ефикасно вклучување во креирањето политики во рамките на 12-те секторски работни групи при што постојано се истакнува потребата за унапредување на улогата што ја играат граѓанските организации во секторски работни групи и во унапредувањето на значајниот политички дијалог што го открива потенцијалот за забрзување на реформите поврзани со пристапувањето во ЕУ.
Панелисти на консултацијата беа Стивен Блокманс Директор за истражување, Центар за европски политички студии, Брисел, Ѓерѓи Вурмо Програмски директор, Институт за демократија и медијација, Албанија и Андреја Стојковски Извршен директор, Преспа Институт, Северна Македонија.
Во своето обраќање Блокманс истакна дека „Образец за етапно пристапување во ЕУ“ е неодамнешна публикација, која нуди идеи за генерирање со многу посилен политички нагон што ќе им донесе неопходно финансирање на земјите-пристапници. Тоа е предлог каде што во почетната фаза финансирањето е до 50% од структурните фондови и расте во следните три фази. Ваквиот образец за етапно пристапување, според него, ќе овозможи процесот на воведување во ЕУ, но и вклучување на граѓанското општество во консултациите на ЕУ со официјалните институции, како што е Конференцијата за иднината на Европа. Блокманс даде критична белешка за најавуваните 30 милијарди евра за Економскиот и инвестицискиот план, наведувајќи дека тоа навистина звучи како многу пари, но главно е комбинација од постоечките обврски, гаранции за заеми и претпоставки за способноста на ЕУ да „натрупа“ приватни инвестиции во ЗБ, како замна за големите пари кои што се потребни.
Ѓерѓи Вурмо од Институт за демократија и медијација, Албанија оцени дека извештаите на ЕК за напредокот на земјите ги имаат вистинските одговори, но донесуваат погрешни заклучоци. „Корупцијата е широко распространета и делува загрижувачка, но земјата добро се справува. Новинарите и цивилното општество одат во затвор за фејсбук статус, но слободата на изразување не е толку лоша. Граѓаните протестираат, но владата заслужува пофалби бидејќи никого не убила. За сите овие години, таков пристап од комисијата, не е смешен повеќе. Не за нас, попрво ќе стане штетно за нас како цивилно општество, за граѓаните и на крај и нашата демократија“, оцени Вурмо. Според него Владите од Западен Балкан глумат дека се реформираат, политички лидери се преправаат дека се фини и се сликаат со лидерите, Комисијата глуми дека правилно надгледува, земјите членки глумат донесување на одлуки за проширувањето и на крај луѓето од Западен Балкан се лошите момци, зошто не изгледаат доволно француски и сакаат да ги напуштат своите земји. „Не се виновни само ЕК и ЕУ туку и ние имаме дел од вината, со нашиот кооперативен пристап со владите што во овој момент не го поддржувам целосно. Можеби заборавивме да одржуваме силни врски со граѓаните. Се надевам ја сфативме моќта на луѓето и колку ни требаат. Не треба да бидеме заложници во игрите за обвинувања, но мора да бидеме искрени со себе и нашите цели“, констатираше Вурмо и порача дека ЕУ треба да биде искрена дали навистива сака да се прошири и да се соочи дома со противниците на проширувањето.
Повикувајќи се на наодите од спроведеното истражување „Имиџ Опсерваторија“ Андреја Стојковски, директор на Институтот „Преспа“ посочи дека една третина од граѓаните на Северна Македонија ја сметаат ЕУ за најдобар пријател на земјата, а исто толку луѓе сметат дека ЕУ приоднесува најмногу за економски и демократскиот развој на земјата, што е резултат на големата донаторска поддршка на ЕУ. Но, воедно упати критика што сонот на граѓаните за членство на земјата во ЕУ е се уште само сон и дека земјата и по 16 години од кандидскиот статус не ги отпочна преговори за членство и дека расте скептицизмот дека членството е можно и за дури 20 години. Во однос на улогата на ГО во пристапувањето кон ЕУ Стојковски истакна три сегменти каде ја гледа потребата од зголемена улога на ГО. „Прво, потребен е зголем мониторинг од страна на ГО во однос на проектите кои земјата планира да ги имплементира како дел од Економскиот и инвестициски план на ЕУ, но и општо во процесот на приближување, и тоа како во однос на буџетирањето, така и во однос на ризиците од корупција и ефектите од реализацијата на проектите. Второ, потребно е да се засилува меѓународната и нацииналната поддршка за граѓанските организации, како и работата на Одделението за соработката со НВО во Владата. Трето дека дури и да не се отпочне со преговорите со ЕУ ништо не ја спречува Владата ги спроведува реформите, и во тој процес навреме да ги вклучува граѓанските организации“ рече Стојковски.
Во дикусијата која ја модерираше уредникот на емисијата „360 степени“, Васко Попетрески учествуваше и Ирена Иванова од Делегацијата на Европската Унија истакнувајќи ја важност од отворени дискусии за процесот на пристапување кон ЕУ и порача дека дури и во тешки времиња граѓанските организации треба да го водат процесот и да го враќаат духот на ЕУ во своите земји, користејќи ги до максимум механизмите кои им стојат на располагање во тој процес. „Станува збор за различни пристапи и инструменти во кој ГО имаат значајна улога, а секако е многу важен и регионалниот аспект“, истакна Иванова. Според неа земјите на проширувањето имаат повеќе или помалку слични тесни грла во реформите, соочувајќи се со слични политички тесни грла во односите со соседите и оцени дека граѓанските организации можат да предводат во надминување на овие проблемите и да бидат „гласот на регионот“ на граѓанското општество. Таа истакна дека во минатото се забележани значајни промени кога ГО регионално се обединувале по што Владите станувале проактивни, ја интензивирале интеракцијата помеѓу земјите и промените станувале поотворени и повидливи.
Конференцијата во целост може да се проследни на овој ЛИНК.