Во рамките на проектот „Дијалог со граѓанските организации – Платформа за структурно учество во ЕУ интеграциите“ на 6.12.2021 беше одржана онлајн конференција на која се промовираа наодите од националното истражување „Граѓанското учество и ЕУ-перспективи: Анализа на јавното мислење со граѓани и граѓански организации“.

Со свои обраќања конференцијата ја отворија Сандра Анастасовска од Фондацијата Отворено општество – Македонија и Ирена Иванова од Делегацијата на Европската Унија. Анастасовска нагласи дека истражувањето е дел од проект чија цел е да овозможи структурно, но и суштинско учество во граѓанските организации во клучните секторски реформи во процесот на пристапување кон Европската Унија. Таа посочи дека во измиантите 3 години во рамките на проектот беше изготвена веб платформата Дијалог кон ЕУ (dijalogkoneu.mk), информативна, но и ресурсна платформа каде може да се најдат сите потребни информации за пристапувањето кон ЕУ, но и информации како да се вклучат граѓанските организации во процесот на консултации со фокус на консултативните механизими, потоа изработени се повеќе од 24 извештаи во сенка за работата и ефектите од секторските работни групи, креиран е водич за институционални механизми за учество на граѓанските организации во креирањето на јавните политики поврзани со интеграциите во ЕУ, направени се низа национални истражувања за граѓанското учество во реформските процеси.

Иванова од Делегацијата на Европската Унија ја истакна важноста од структурното учество на граѓанските организации во понатамошните процеси на ЕУ интеграции. Како значаен механизам таа го истакна Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество посочувајќи дека Советот кој го има сега вториот мандат покажа дека е фактор и дека влијае во овие процеси и воопшто во обезбедување на гласот на граѓаните и граѓанските организации во креирањето на политиките. „Секако дека простор за подобрување секогаш постои, можност за поголем артикулиран глас до сите граѓани, особено во помалите средини, меѓутоа ова е механизам за пример. Она што е за нас ново поглавје во кое би требало да се подобрат овие процеси е дефинитивно структуралното вклучување на граѓанските организации во секторските работни групи и токму овој наш проект активно работи на ова и им помага на институциите да можат да изготват јасни и прецизни процедури како граѓанските организации можат да бидат вклучени во овој процес “, рече Иванова во своето обраќање.

Наодите од анкетните истражувања ги презентираа Тања Иванова и Блажен Малески од Реактор – Истражување во акција. На конференцијата свои осврт на наодите од истражувањата со фокус на темите за граѓанските организации и механизмите за учество во време на Ковид-19, граѓанското дејствување во заедниците со можност и одговорност да се влијае и граѓанското учество и ЕУ-перспективите дадоа и Горан Лазаров од Фондацијата Отворено општество, Гоце Коцевски од Македонско здружение на млади правници и Виктор Митевски од Здружението за истражување и анализи – ЗМАИ.

Дел од клучните наоди кои беа презентирани на конференцијата се:  

– Најголем дел од граѓаните (85%) не учествувале во некоја организирана иницијатива за подобрување на нивниот град/село или пак на ниво на Република Северна Македонија

– И покрај ниската искористеност и учество, процентот на граѓани кои во иднина би се вклучиле во граѓански инцијативи се зголемил од 45% во 2020, на 60% во 2021 година. – Повеќе од 60% од граѓаните сметаат дека преговорите со Европската Унија ќе го подобрат животот на граѓаните.

– Младите најмногу веруваат дека пристапните преговори ќе го подобрат животот на граѓаните во нашата земја, додека пак довербата е најмала кај највозрасните кои имаат повеќе од 60 години.

– Значаен дел од младите односно повеќе од 30% се гледаат надвор од државата во следните 5 години.

 – Околу 60% од граѓаните во 2021 година сметаат државата ќе биде подобро место за живеење откако ќе стане членка на Европската Унија .

– Повеќе од половина од граѓаните сметаат дека и тие лично како важна алка во демократскиот процес можат да дадат свој придонес во преговарачкиот и пристапниот процес кон Европската Унија.

– Зголемено учество на ГО во процесите на носење одлуки – 62% од граѓанските организации изјавиле дека биле поканети од страна на државен орган да учествуваат во креирање на мерки и политики, споредбено со почетокот на Ковид – 19 кризата кога процентот на учество на граѓанските организации бил 20%.

– Процентот на организации кои развиваат и доставуваат предлог политики пред институциите повторно почнал да се зголемува од септември 2020 до денес, односно 62% од граѓанските организации развиле и доставиле предлози за активности и политики што државата може да ги преземе.

Заклучоците и препораките кои произлегоа од презентацијата и дискусијата се дека постои заинтересираност, но и потенцијал за вклучување на граѓаните преку различни механизми од страна на државните органи во процесот за пристапување во Европската Унија. Оттаму, потребна е понатамошна разработка на механизмите на државните органи за вклучувањето на граѓаните во „контактен“ активизам и учество.  Оценето е дека граѓанските организации можат да служат како дополнителен мост за унапредување на граѓанското учество, не само преку иницијативи, туку и во процесите за пристап кон Европската Унија, во рамки на нивната експертиза и предлози за политики. Потоа, констатирано е дека е потребно олеснување на формите за учество на граѓаните преку дигитализација на одредени процеси и иако постои зголемена запознаеност со механизмите за учество на граѓанските организации – Секторските работни групи и Советот за соработка помеѓу Владата и граѓанското општество, сепак потребно се дополнително заложби за функционален структурен дијалог.