Во рамките на проектот „Дијалог со граѓанските организации-Платформа за структурно учество во ЕУ интеграциите“ преку инфографици ви ги споделуваме клучните информации од  истражувањето за граѓанското учество во Република Северна Македонија со дополнителен осврт на пандемијата со Kовид 19 како и од истражувањето спроведено со граѓаните.

Истражувањето со претставници на 113 граѓански организации спроведено во периодот ноември-декември 2020 година покажува дека вклученоста на граѓанските организации во активности поврзани со креирање предлог-мерки и политики забележала пад во текот на здравствената криза поврзана со Kовид 19 во 2020 година, споредено со периодот пред кризата. Во 2018-2019 година, 76% од граѓанските организации биле вклучени во вакви активности, додека за време на кризната 2020 година, овој процент изнесувал 55%.

Истражувањето покажува дека 73% од граѓанските организации членуваат во мрежи на организации. Најмногу учествуваат во национални мрежи (50%), а најмалку во локални мрежи (13%). Истражувањето покажува дека учеството во мрежите значително влијае врз креирањето предлози и активности за политики.

Анкетата со граѓаните беше спроведена на национален репрезентативен примерок од 1.300 испитаници во период од 14-29 октомври 2020 година.  Во спроведеното истражување 99% од граѓаните велат дека се запознаени со кризните мерки поврзани со Ковид 19, додека 98% посочуваат дека ги следат. Речиси секој втор граѓанин (45%) познава лице што било заболено од Kовид 19 (најчесто, станува збор за блиски пријатели или познаници). Процентот на оние што познаваат некој што бил заболен од Ковид 19 е помал кај највозрасните испитаници, односно тие над 60 години (29%) и кај испитаниците што живеат во руралните средини (37% наспроти 50% во градска средина)

Нивото на задоволство од местото на живеење и од државата директно влијае врз перцепциите на граѓаните за тоа колку можат да влијаат врз одлуките што се носат во локалните или во националните институции. меѓу незадоволните граѓани, над 80% сметаат дека не можат да влијаат, а меѓу граѓаните што се многу или делумно задоволни, овој процент изнесува помеѓу 52% и 64%.

Членството на земјата во Европската Унија им е важно на 48% од граѓаните, додека не им е важно на 24% од граѓаните. На преостанантите 28% им е сеедно дали земјата е члена на Европската Унија.

Сите сознанијата претставени во  визуализациите се прибрани во рамките на проектот „Дијалог со граѓанските организации–Платформа за структурно учество во ЕУ интеграциите“.