04 октомври, 2021 – Истражувачките тимови во проектот Дијалог со граѓанските организации – Платформа за структурно учество во ЕУ интеграциите денеска на онлајн состанок со претставниците на Секретаријатот за европски прашања и ИПА координаторите ги презенитраа нацрт-извештаи во сенка за работата и ефектите од работата на секторските работни групи за 2020 година.

На состанок, на кој присуствуваа околу 40 претставници на институциите и тимовите кои ги подготвуваа извештаите беа презентирани клучните податоци од извештаите и се дискутираше за искуство  на ИПА координаторите од работата на секторските работни групи и за динамиката на следните активности.

Во презентација на извештате, постарата програмска координаторка во ФООМ, Нада Наумовска ги запозна присутните дека во изготвувањето на извештаите беа интервјуирани 11 ИПА координатори од соодветните министерства и 34 претставници на граѓански организации од девет секторски работни групи (СРГ), потоа беа анкетирани 82 претставници на граѓанските организации (ГО) и беа испратени 312 барања за слободен пристап до информации до 14 различни институции за да се соберат потребните податоци за работата на секторските работни групи. 

Клучните подобрувања забележани во овој известувачки период, кои ги истакна Наумовска  вклучуваат:

  • Одредено подобрување на транспарентноста на работата на СРГ.
  • Подобрена соработка со ИПА координаторите, кои пак беа подготвени да споделуваат информации, ставови и совети.
  • Благо зголемување на фреквентноста на пленарните сесии.
  • Регистрирано учество на ГО на оперативни состаноци.
  • Учество на ГО за време на пленарните состаноци било добредојдено и поттикнато.
  • 31,3% од граѓанските организации дале придонес во консултациите за ИПА СРГ, што претставува зголемување од 5,3% споредено со претходната година.

Гледано од перспективата на граѓанските организации на состанокот беа истакнати нивните барања за унифицирање на статусот на граѓанските организации во сите секторски работни групи, потоа бројот на граѓански организации во СРГ да биде сразмерен  и  со однапред определени критериуми, вклучување на граѓанските организации во други консултативни механизми за подобрување на нивната информираноста и обезбедување пристап до записници или заклучоци од оперативните/техничките состаноци.

ИПА координаторите во спроведените интервјуа го делеле мислењето на граѓанските организации дека деловникот за работа треба да се измени за да се регулира улогата и начинот за избор на граѓански претставници, дека СРГ треба да имаат годишен календар на состаноци и сесии, потоа на веб-страниците на ресорните министерства претседавачи со СРГ да се постои посебен линк со документи за СРГ, како и дека треба да постојат подобри канали за размена на информации помеѓу СРГ и другите институционални механизми за различни реформски стратегии.

За сегментот од извештаите кои се однесува на родовата перспектива говореше Ирина Јолевска од Реактор оценувајќи дека значењето на родовата еднаквост како хоризонтална тема се уште не се препознава доволно од страна на повеќето СРГ и дека е потребно инкорпорирање на родовата перспектива во работата на сите СРГ, вклучително и родови анализи за состојбите во конкретните сектори при развивањето, спроведувањето и евалуацијата на ефектите од политиките.

Во дискусијата која ја модерираше Сандра Анастасовска од ФООМ беа вклучени голем број на ИПА координатори изнесувајќи ги своите видувања за извештаите и за работата на секторските работни групи. Процесот на финализирање на извештаите во сенка за работата и ефектите од работата на секторските работни групи, продолжува.