Младите во Република Северна Македонија целиот свој живот сведочат за заложбите на државата да биде дел од Европската Унија. Дел од податоците на Истражувањето за граѓанското учество на граѓаните во РСМ направено на репрезентативен примерок од 1300 испитаници ги покажува ставовите на младите за Европската интеграција.

Податоците укажуваат на тоа дека повеќето млади својата иднина ја гледаат во ЕУ и во интеграцискиот процес. Имено, 69% односно повеќе од две третини од младите (од 16 до 29 години) сметаат дека процесот на преговори со ЕУ значително или донекаде ќе го подобри нивниот и животот на граѓаните во земјата. 57% од младите (од 16 до 29 години) веруваат дека земјата ќе стане подобро место за живеење кога ќе стане членка на Европската Унија.

Скоро половина (45%) од младите веруваат дека граѓаните може да дадат свој придонес во преговарачкиот и пристапниот процес кон Европската Унија, додека 44% директно би се вклучиле во овие процеси.

Националните и локални институции треба да ги гледаат младите како сојузници во пристапниот процес кон ЕУ, да го канализираат придонесот и да ги едуцираат за можностите на учество и бенефитите. Дел од податоците покажуваат дека:

  • 40% од младите слушнале за механизмите за финансиска помош на ЕУ;
  • 35% слушнале за Инструментот за претпристапна помош на ЕУ (ИПА) и
  • 33% слушнале дека преку ИПА постојат можности за финансирање на приоритетите во нивната локална заедница.

Неколку механизми кои младите ги селектираа како можност за вклучување се: учество во јавни дискусии на теми поврзани со ЕУ преговорите; давање на свои придонес преку електронска комуникација со институциите; директна комуникација со политичките партии; комуникација со пратеничките и пратениците во Собранието на Република Северна Македонија и вклученост во невладините организации и други форми на здружување.

Анкетата за целите на истражувањето беше спроведена октомври 2020 година, додека наскоро ќе биде објавено целото истражување “Граѓанското учество во Република Северна Македонија со дополнителен осврт на пандемијата со КОВИД 19“.