Советот за соработка со и развој на граѓанскиот сектор на 23 седницата одржана на 24 септември во Клубот на органите на управата номинираше претставници на граѓанскиот сектор во Заедничките работни групи за програмите за прекугранична соработка во рамки на ИПА 3 (2021-2027) и донесе неколку значајни заклучоци.

Од кандидатите кои се пријавија по пат на јавно објавениот оглас номинирани се следните лица:

  • За програмата за прекугранична соработка Република Северна Македонија – Република Албанија номинирана е кандидатката Светлана Петковска од Организација на жени на Општина Битола-Битола.
  • За програмата за прекугранична соработка Република Северна Македонија – Република Косово номинирана е кандидатката Сања Ристиќ од СМАРТ АП-Лабораторија за социјални иновации-Скопје.
  • За програмата за прекугранична соработка Република Северна Македонија – Република Србија за член е номинирана Ивана Петровска од Подружница на Асоцијација на агенции за локална демократија АЛДА-Скопје, а за заменик член Арсенија Дејаноска-Сарагинова од Здружението за значење на еколошкото образование за осовременување на образовниот процес ЗЕОООП-Скопје.
  • За програмата за прекугранична соработка Република Северна Македонија – Република Бугарија за член е номиниран  Игор Георгиев од Центарот за одржлив развој ЕЛИПСА- Куманово, а за заменик член Ивана Балабановаод Здружението на граѓани за образование и обука од областа на танцот и културно-уметнички активност БИТРИКС КРУ-Скопје.
  • За програмата за прекугранична соработка Република Северна Македонија – Република Грција за член е номиниран Ацо Ристовски од Фондација Аполонија-Гевгелија, а за заменик член Горан Саздов од Здружението за одржлив развој на регионот Мариово с. Витолиште-Прилеп.

Членовите на Советот дискутираа и за ефектите од Повикот до граѓанскиот сектор за придонес во подготвувањето на годишната Програма за работа на Владата на Република Северна Македонија за 2021 година. Дел од членовите констатираа дека интересот од страна на граѓанскиот сектор за учество на повикот е зголемен и беше оценето дека е потребно да се даде можност на граѓанските организации своите предлози за унапредување на програмите и политиките на Владата да можат да ги дадат преку овој вид на иницијатива. За таа цел, Советот му препорача на Одделението за соработка со невладини организации да го продолжи рокот за  доставување на иницијативите и за тоа да направи објава на веб страницата на Одделението.

Советот го задолжи Одделението за соработка со невладини организации на Генералниот секретаријат да ја достави до Владата Анализата на финансиска поддршка на здруженија и фондации од Буџетот на Република Северна Македонија (од 2017 година до прва половина на 2019 година) со Компаративна анализа на моделите за државно финансирање од другите земји и Предлог-модел на Фонд за институционална поддршка на граѓанските организации и ко-финансирање на ЕУ- проектите во РСМ.

Членовите на Советот на 23 седница го отворија и прашањето за потребата од измени на Одлуката за формирање на Советот за соработка со и развој на граѓанскиот сектор во насока на унапредување на работата на Советот во следниот мандат. Договорено е со поддршка на Одделението за соработка со невладини организации да се изготват предлози за изменување и дополнување на Одлуката за формирање на Советот за соработка со и развој на граѓанскиот сектор по спроведување на широк консултативен процес со граѓанските организации и тоа преку:

  • Објавување на јавен повик на www.nvosorabotka.gov.mk;
  • Добиени предлози од членовите на Советот;
  • Активности во рамките на проектот „Техничка поддршка за унапредување на овозможувачката средина за граѓанските организации во Република Северна Македонија“ и
  • други форми на консултација.

Воедно, Одделението за соработка со невладини организации беше задолжено за наредната седница на Советот за соработка со и развој на граѓанскиот сектор, што ќе се одржи во октомври 2020 година, да подготви ажуриран преглед/статус на реализација на Акцискиот план за спроведување на Стратегијата на Владата за соработка со и развој на граѓанскиот сектор (2018-2020), заклучно со септември 2020 година (табеларен дел и резиме во вид на наративен текст).