Состанокот на тема „Унапредување на вклученоста на граѓанските организации во секторот Образование, вработување и социјална политика“, се одржа на 11 ноември 2019 г. (понеделник), во 11:30 часот, во Клубот на органите на управата  (Клуб на пратеници). Истиот беше закажан пред шест дена, на 5 ноември 2019 година, а поканата не содржеше придружни документи.

Средбата беше иницирана од страна на Мила Царовска, министерката за труд и социјална политика како и Арбер Адеми, министерот за образование и наука. Целта на истата беше да се разгледаат начините за подобрување на вклученоста на граѓанското општество во процесите за креирање и следење на јавните политики од секторот „Образование, вработување и социјална политика“. Оваа иницијатива произлегува од заклучокот на последниот состанок на секторската работна група за организирање на заедничка средба со граѓанските организации, особено заради потребата да се поттикне нивниот придонес во овие процеси. Ова прашање е од исклучително значење, со оглед на претстојниот нов циклус за дефинирање на политиките од ИПА III и планирањето на претпристапната помош за периодот од 2021 до 2027 г.

Свои воведни обраќања имаа Мила Царовска, министерката за труд и социјална политика и Арбер Адеми, министерот за образование и наука. Мила Царовска стави акцент на потребата од засилено вклучување на граѓанските организации во програмирањето на ИПА III во овој сектор, додека Арбер Адеми дискутираше за моменталната состојба во однос на политиките од секторот образование, како и за најновите случувања, како што се анализата на ОЕЦД /УНИЦЕФ за образовниот систем, односно измените и дополнувањата на законот за основно образование кои се однесуваат на составот на управните одбори на училиштата.

Учесници на овој состанок беа претставникот на НИПАК канцеларијата, претставници на граѓански организации (ФООМ, Реактор, Македонска платформа за борба против сиромаштијата, Младинска алијанса Крушево, Љубезност и др.), како и вработени во МТСП и МОН. Имаше и претставник на Организацијата на работодавци на Македонија.

Сандра Анастасовска од ФООМ, беше поканета да го претстави проектот “Дијалог со граѓанските организации – Платформа за структурно учество во ЕУ интеграциите”, како можност за подобри консултации и заеднички активности со државните институции. Беа презентирани столбовите на проектот: секторските работни групи, преговарачките тимови и Советот за соработка со и развој на граѓанскиот сектор. Се продискутираа и извештаите во сенка кои се составен дел од проектот, потпишувањето на меморандум за соработка помеѓу проектот и државните актери, како и работата на граѓанските организации во секторските работни групи. Сандра Анастасовска стави акцент на модалитетите за соработка, како што се интернет платформата и можностите за организирање разновидни формати на консултации, а ги покани и државните и недржавните актери активно да учествуваат во заедничка соработка во периодот што следува.

Следеше дискусијата, а главните теми кои се разговараа беа:

  • Поттикнување на повеќе можности за зголемено вклучување на граѓанските организации во програмирањето на ИПА, преку консултации и размена на информации за ИПА програмирањето;
  • Создавање корелација помеѓу јавните политики и останатите тековни проекти од овој сектор;
  • Градење на капацитетите на граѓанското општество за позначајно учество во секторскиот дијалог;
  • Воведно вклучување на останати недржавни актери во соработката.

Завршно обраќање имаше Евгенија Серафимовска Кирковски, од канцеларија на НИПАК. Таа информираше за петте прозорци на ИПА III и ја истакна одговорноста на граѓанските организации во работењето на секторските работни групи во улога на партнери и учесници во тој процес, како и значењето на секторските работни групи како форуми кои го надминуваат контекстот на ИПА во однос на политиките и донаторската координација.

Коментари и препораки

  • Ова беше прва последователна средба на секторска работна група со граѓанските организации, а потребно е иницирње на дополнителни средби од овој формат за сите сектори.
  • Проектот “Дијалог со граѓанските организации – Платформа за структурно учество во ЕУ интеграциите” обезбедува можности за позначајно вклучување на граѓанските организации. Првично, со учество преку интернет платформата, како и организирање на меѓусебни настани со носителите на одлуки кои треба да обезбедат подобра позиција за развој на граѓанското општество и идентификување на потребите.
  • Постои потреба за подобра подготовка на граѓанското општество, граѓанските организации и граѓаните за нивен подобар придонес во програмирањето на ИПА III и идентификувањето на релевантните потреби за финансиска поддршка. Начинот да се обезбеди тоа е преку учество во најраната фаза и во секој последователен чекор.