Основните цели на соработката преку Инструментот за претпристапна помош 2014-2020 (ИПА 2) се зајакнување на влијанието на граѓанското општество во процесите за креирање на јавни политики и донесување на одлуки, како и во граѓанскиот и во политичкиот дијалог. Аспирациите, во таа смисла, се постигнување на долгорочно влијае врз клучните реформи за понатамошна поддршка во процесите на пристапување во ЕУ.

Основна претпоставка за воспоставување на заедничка институционална соработка за ИПА 2 е директното вклучување на претставници на граѓанските организации во формалните тела, како и  процесите на консултации за програмирање, имплементација и мониторинг на овој финансиски инструмент.

Граѓанските организации се самоорганизираат од самиот почеток на програмирање на ИПА2, уште од 2013 година. Динамиката на соработката со државните чинители во текот на годините се менувала, со тренд за постепено вклучување во процесите.

Почетните иницијативи на граѓанските организации се однесуваат на барања за активно вклучување во процесот на програмирање на ИПА 2, како и очекувања за достапност и транспарентност на стратегиските документи на помошта. Граѓанските организации се врежуваат, обезбедуваат докази за јавните политики, со намера да се воспостави ефективен механизам за соработка помеѓу Владата и граѓанското општество. Граѓанските организации, самоорганизирани во сектори, ги нудат своите коментари на индикативниот стратегиски документ на ИПА 2.  Избрани се и претставници на граѓанското општество за секој сектор.

Владините институции (на централно ниво) задолжени за координирање на ИПА 2 во рамките на министерствата и Секретаријатот за европски прашања се примарната целна група во обидите за остварување на соработка. Значајна и континуирана поддршка за граѓанските организации доаѓа од страна на Европската комисија, претставена преку Делегацијата на Европската унија во Скопје.

Сепак, реалноста и динамиката со која во првите години од финансиската перспектива се спроведува помошта на ЕУ, едноставно не соодветствуваат со очекувањата на граѓанските организации од самиот почеток да бидат вклучени во институционалната секторска соработка.  Имено, институциите првично се фокусирани на спроведување на претходниот инструмент, ИПА (2007-2013) и обврските кои произлегуваат од истиот.

Во 2018 година се случуваат првите позначајни сигнали за институционално вклучување на граѓанските организации, и тоа една година по формирањето секторските работни групи за ИПА 2. Покрај државните чинители и донаторските претставници, граѓанските организации од 2018 за прв пат се вклучуват во работата на седум секторски работна група:

  • Реформа на јавна администрација
  • Управување со јавни финансии
  • Правда 
  • Внатрешни работи
  • Транспорт
  • Земјоделство и рурален развој
  • Образование, социјална политика и вработување

Претходно од 2017 година граѓанските организации вклучени се во работата на секторската работна група „Животна средина и климатски промени“. Последната секторска работна група во која се вклучуваат граѓанските организации е „Конкурентност и иновации“ во 2019 г. Секторската работна група „Регионален и локален развој„ официјално е основана во 2019 година и истата вклучува претставници на граѓанското општество во својата работа.

Паралелно со вклучувањето во секторските работни групи, граѓанските организации постепено се вклучуваат во секторските мониторинг комитети за ИПА 2. Единственото национално тело од ИПА 2 во кое не се вклучени граѓанските организации е Националниот инвестициски комитет.