Европската комисија потврди дека Северна Македонија е подготвена да ги започне преговорите за членство во Европската Унија. Ова е нотиранo во мини-извештајот објавен на 2 март 2020 година каде е оценето дека земјата  преземала значителни чекори за зајакнување на независноста на судството, го подобрила учинокот во борбата против корупцијата и организираниот криминал, а постигнала напредок и во реформите на разузнавачките служби и на јавната администрација.

Во мини-извештајот на ЕК предмет на дополнителен скрининг беа реформите во судството, во безбедносниот сектор и на јавната администрација. Во однос на судството, извештајот на Европската Комисија нотира засилено темпо на имплементацијата на реформите. Во прилог на тоа оди и новиот Закон за Јавно обвинителство кој за ЕК е гаранција дека ќе се обезбеди владеење на правото и дека предметите на СЈО целосно ќе се затворат со правосилна пресуда. Европската Комисија нотира позитивни реформи и во секторот за безбедност и разузнавање каде што се потенцира новиот закон, но и активирањето на Оперативно – техничка агенција (ОТА) и Агенцијата за национална безбедност (АНБ). Во извештајот се заклучува дека постои засилен надзорен капацитет во службите, но и на Собранието кон безбедносниот сектор. Во однос на реформите во јавната администрација се потенцираат владините активности за поголема транспарентност манифестирана со донесување на Стратегијата за транспарентност 2019-2021, но и со воведување на бази на податоци за поголемна отчестност и напорите за дигитализација (е-портал) и олеснување на пристапот на граѓаните кон услугите на институциите.

Документот се објавува во пресрет на состаноците на Советот на ЕУ кон крајот на месецот, на кои, според најавите, би можело да се донесе одлука за старт на пристапни преговори со Скопје и со Тирана. Мини извештаите за Северна Македонија и Албанија следуваат откако во април 2018 година, Европската комисија препорача да се отворат преговори за пристапување со двете земји. Во јуни 2018 година, Советот го призна напредокот и го услови отпочнувањето на преговорите за пристапување, во зависност од напредокот постигнат во одредени клучни области. По позитивните препораки на Комисијата во мај 2019 година, Советот ја одложи својата одлука до јуни, а потоа во октомври 2019 година, пред да донесе одлука да се врати на прашањето за проширувањето пред Самитот во Загреб, во мај 2020 година.