Проектот “Дијалог со граѓанските организации – Платформа за структурно учество во ЕУ интеграциите” ги објавува нацрт индикаторите за проценка на перформансите. Истите обезбедуваат мерливи вредности што покажуваат колку ефикасно се постигнуваат клучните стратегиски цели.

Согласно секторскиот пристап за спроведување на ИПА 2014-2020 и предусловите за воспоставување на Рамка за оценка на успешноста, како основа за следење на секторските реформи во фазата на имплементација на програмските документи, Секретаријатот за европски прашања во соработка на Делегацијата на ЕУ, иницираше постапка за воспоставување на индикатори на макро и микро ниво, како прв чекор во подготовката на Рамката за оценка на успешноста.

Координацијата на оваа задача се врши преку Секретаријатот за европски прашања, а експертска и логистичка поддршка се обезбедува преку проектот за Управување со ЕУ фондовите, што се спроведува во рамките на Секретаријатот за европски прашања. Надлежните институции ги изработија нацрт индикаторите за проценка на перформансите (Performance assessment indicators- PAF).

Индикаторите се однесуваа на областите од јавните политики опфатени во рамки на секоја од секторските работни групи:

Улогата на секторските работни групи е преку нив да се обезбедуваат форумите на кои треба да се утврдат релевантни индикатори и подоцна да се следи нивното исполнување. По одобрувањето на индикаторите од страна на Секторските работни групи, Секретаријатот за европски прашања ги презентира на Владата на Република Северна Македонија, усогласените индикатори на секторско  ниво. Очекувањата се конечните верзии на индикаторите да бидат усвоени на седница на Влада кон крајот на месец декември 2019 г.

Индикаторите потребно е да ги исполнуваат следните критериуми:

  • Да бидат селектирани/извлечени од индикаторите кои веќе се поставени на ниво на национални секторски стратегии и Акциските документи за ИПА 2014-2020 година;
  • Да обезбедат јасна слика за напредокот на земјата во спроведувањето на секторската стратегија, преку дефинирање на таргети за следење на нивната реализација;
  • Да бидат подготвени преку утврдена методологија за прибирање и обработка на податоци;
  • Да обезбедат веродостојност, преку евидентирање на достапни извори на верификација.

Многу е веројатно дека некои од индикаторите кои се веќе поставени со националните секторски стратегии ќе треба да се ревидираат, а за одредени сектори ќе треба да се дефинираат дополнителни индикатори. Оттука, согласно потребите, извор на податоци за дефинирање, обработка и следење на индикаторите, освен Државниот завод за статистика, ќе треба да обезбедат и другите релевантни извори.

Индикаторите се дел од напорите за воспоставување на рамка за оценка на успешноста преку која  на национално ниво треба да се обезбеди:

  • Следење на ефектите и резултатите од спроведените реформи;
  • Следење на ефектите и резултатите од користењето на ЕУ фондовите;
  • Можност за презентација на резултатите пред пошироката јавност на транспарентен и отчетен начин;
  • Олеснување на процесот на донесување одлуки за наредниот национален стратешки циклус којшто ќе коинцидира со новата финансиска перспектива на европската унија по 2020 година.

Заради подобрување на транспарентноста и достапноста на овие исклучително релевантни документи за програмирањето на финансиската помош на ЕУ, ги повикуваме граѓанските организации и сите заинтересирани чинители доколку имаат прашање или би сакале да дадат свој придонес да се обратат на електронската пошта cso.dialogue@fosm.mk. Придонесот е во насока да се обезбеди фондовите на ЕУ посоодветно да ги задоволуваат реалните потреби на граѓаните.