Поглавјето 32 се однесува на усвојување на меѓународно признаените рамки, стандарди, и добри практики на ЕУ за јавна внатрешна финансиска контрола (ПИФЦ).
ПИФЦ се темели врз принципот на децентрализирана одговорност на раководството и потребно е истата да се применува низ целиот јавен сектор. ПИФЦ се состои од внатрешна контрола на финансиското управување со националните фондови и внатрешна контрола на финансиското управување со ЕУ фондовите.
Со законодавството од поглавјето 32 се очекува од секоја држава членка на ЕУ да поседува ефикасни и транспарентни системи за управување, кои вклучуваат одредби за:
- Одговорност за постигнување на целите;
- Функционално независна внатрешна ревизија; и
- Релевантни организациски структури, вклучително и централна координација на развојот на ПИФЦ во јавниот сектор.
Усогласувањето со поглавјето 32 се однесува на потребата за институционално, оперативно и финансиски независна институција за надворешна ревизија. Истата треба да го спроведува својот ревизорски мандат во согласност со стандардите на Меѓународната организација на врховни ревизорски институции за (ИНТОСАИ), а чии извештаи за употребата на ресурсите во јавниот сектор се доставуваат до парламентот.
Дополнително, ова поглавје ја опфаќа и заштитата на финансиските интереси на ЕУ од измама во управувањето со фондовите на ЕУ, како и заштитата од фалсификување на еврото.