Денеска 01.02.2021 во рамки на проектот „Дијалог со граѓанските организации – Платформа за структурно учество во ЕУ интеграциите“ се одржа онлајн секторска консултација на тема „Ефектите од работата на Секторската работна група за реформа на јавна администрација и идните предизвици за подобрување на соработката помеѓу граѓанските организации и институциите“.  

Денешната секторска консултацијата ја отвори Марија МИРЧЕВСКА, програмска координаторка Фондација Отворено Општество – Македонија ги претстави главните наоди на Извештајот во сенка за работата на секторската работна група за реформа на јавната администрација за периодот јануари 2019 – февруари 2020 година. Притоа укажа дека иако е позитивно тоа што во оваа секторска работна група членуваат 12 претставници на граѓанските организации, сепак одржувањето на само една, наместо утврдените четири пленарни седница годишно, оневозможува суштински дијалог и слушање на гласот на граѓанското општество. Таа посочи дека е неопходна демократизација на процесот на избор на граѓански организации кои ќе членуваат во оваа секторска работна група, побара подобра координација во рамки на групата и поголема транспарентност од страна на институциите.  

Министерот за информатичко општество и администрација, Јетон ШАЌИРИ изрази подготвеност за поголемо вклучување на граѓанските организации во работата на секторската работна група за реформи во јавната администрација и најави дека ќе се заложи граѓанското учество да биде „норма, а не исклучок“. Притоа најави дека сериозно ќе бидат разгледани препораките од Извештајот во сенка и истакна дека Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) ќе биде партнер на граѓанското општество.  

Неда МАЛЕСКА САЧМАРОСКА, извршна директорка на Центарот за управување со промени се согласи дека има отсуство на дијалог и суштинска дебата во рамките на работата на секторската работна група за реформи на јавната администрација. Таа истакна дека е од особена важност во рамки на групата да се дискутира за суштинските прашања поврзани со реформите во овој сектор, наместо дијалогот да се води главно околу насочувањето на донаторската помош. Меѓу клучните области таа ги спомена враќањето на довербата на граѓаните во институциите, независноста на јавната администрација, воведување на мерит ситемот.

На настанот присуствуваа над педесетина претставници на граѓанските организации, државните институции, претставници на секторските групи и медиумите.

Оваа конференција е дел на проектот „Дијалог со граѓанските организации – Платформа за структурно учество во ЕУ интеграциите“, кој го координира и имплементира Фондацијата Отворено општество – Македонија, со партнерите Реактор – Истражување во акција, Евротинк – Центар за европски стратегии и Центар за граѓански комуникации.

Видеото од настанот можете да го погледнете на следниов линк.

Целиот извештај за Секторската работна група за реформа на јавна администрација можете да преземете на следниов линк.