Претседателите на држави и влади на земјите членки на Европската унија синоќа ја потврдија одлуката која претходно ја донесоа министрите за надворешни работи за отворање на пристапни преговори со Република Северна Македонија. Одлуката беше донесена на видео конференциска врска во која главната тема беа напорите на земјите членки на ЕУ за справување со корона вирусот. Донесената одука за отворање на преговорите за членство на Северна Македонија и Албанија е соопштена како признание за значајните рефорски напори на двете земји кои демонстрирале силна политичка воља за напоредок на европскиот пат.

Во заедничката изјава на членовите на Европската комисија кусо се наведува дека се потврдуваат заклучоците на Советот донесени на 25 март 2020 година во однос на проширувањето и процесот на стабилизација и придружување.

Хрватскиот премиер, Андреј Пленковиќ на својот твитер напиша дека донесената одлука е доказ дека Европската Унија и во тешки околности останува да биде насочена кон реализација на своите приоритети. Имено, отворањето на пристапни преговори со овие две земји е еден од приоритетите на претседавањето на Хрватска со Евопската Унија.

Со донесената одлука Европската комија е задолжена да изготви предлог на преговарачката рамка, по што ќе следува и одржувањето на првата меѓувладина конференција. Почетокот на преговорите со Северна Македонија е без дополнителни услови, за разлика од Албанија која пред одржувањето на меѓувладината конференција има низа услови кои треба да ги исполни. 

Одлуката за безусловно отпочнување на преговорите за членство на Република Северна Македонија следува по 15 година од стекнувањето на статусот на земја кандидат во 2005 година. Северна Македонија и Албанија се првите земји со кои Европската Унија ќе ги води преговирите согласно новата методологија.