Проектот „Дијалог со граѓанските организации – Платформа за структурно учество во ЕУ интеграциите“ организираше консултативна средба на која се дискутираше Акцискиот документ наречен EU for improved health and social protection and gender equality.

Консултативна средба се одржа на 09 јуни (среда), со почеток во 11:00 часот. На состанокот присуствуваа претставници на граѓански организации кои учествуваат во работата на Секторската работна група здравство со статус на набљудувачи како и претставник на Секторот за европски интеграции и меѓународна соработка дел од Министерството за здравство.

Целта на координативниот состанок беше претставникот на Министерството за здравство да ги информира граѓанските организации за најзначајните податоци кои се содржани во Акцискиот документ, додека пак граѓанските организации да ги дадат своите коментари и ставови во насока на подобрување на документот.

Акцискиот документ e вклучен во ИПА 3, дел од прозорецот 4 конкурентност и инклузивен раст во тематската област: Oбразование, вработување, социјална заштита и инклузивни политики и здравство и се однесува за 2022 година. Во надлежност на секторот здравство, во драфт акцискиот документ се обрнува посебно внимание на три области:

1. Подобрување на мајчиното и неонаталното здравје;

2. Подобрување на превенцијата и контролата на незаразните болести; и

3. Подобрување на квалитетот на управувањето со податоците во секторот здравство.

Сепак дискусијата во која учествуваа претставници на шест граѓанските организации се одвиваше во насока на суштински промени и подобрување на формалните процедури. Учесниците потенцираа дека најчесто граѓанските организации се повикани да коментираат веќе финални документи во последна фаза на подготовка каде што не може да се направат суштински промени. Потребно е вклучување на претставниците на граѓанските организации во секоја фаза во која институциите ги креираат релевантните документи, односно присуство на оперативните и пленарните состаноци на конкретната секторска работна група. Во однос на документот, дел од претставниците потенцираа дека пациентите со ретки болести не се опфатени во овој документ додека одбраните теми исклучуваат голем дел од здравствените состојби. Акцискиот документ се фокусира на секундарното и терцијалното здравство додека примарното здравство не е дел од овој вид на реформа но претставува значаен сегмент.

Сепак, граѓанските организации ќе ги достават своите предлози до претставниците на министерството за здравство и ќе очекуваат одговор од страна на институцијата кои од предлозите се прифатени и објаснување за оние кои не се прифатени.

Во процесот на ИПА 3 програмирање институциите имаат обврска да изработат стратешки одговори, акциски фишеа и релевантни документи со кои ја обезбедуваат финансиската поддршка од страна на Европската Унија. Сепак во развој на потребите и приоритетите потребно е да има воспоставено пракса на структурен и организиран дијалог со граѓанските организации обезбеден низ принципите на плурализам и транспарентност.