На самитот, лидерите на земјите членки на Европската Унија и лидерите за земјите од Западен Балкан ќе дискутираат за соработката за справувањето со корона вирусот ковид-19 и последиците од истиот, европската перспектива на земјите од Западен Балкан, како и посветеноста на земјите од Западен Балкан на европските вредности и реформи.

Самитот првично беше планиран да се одржи во Загреб, но поради пандемијата од корона вирусот, сепак, ќе се одржи преку видео-конференциска врска. На состанокот ќе учествуваат шефови на држави или влади од државите членки на Европската Унија и претставници на шесте земји партнери од Западен Балкан – Албанија, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора, Република Северна Македонија и Косово.

На самитот ќе биде нагласено значењето на посебните односи на Европската Унија како најважен партнер во регионот, како на пример обединетоста во борбата против ковид-19. Во тој контекст ќе биде истакната меѓусебната солидарност и соработка во ова време на корона-кризата, а ќе се потенцира и помошта од 3,3 милијарди евра за Западен Балкан за ублажување на последиците од пандемијата.

Се очекува лидерите да ја потврдат европската перспектива на Западен Балкан и посветеноста на партнерите од Западен Балкан да се придржуваат кон европските вредности и начела. Во таа насока ќе бидат разменети мислења за новата фаза на тесна соработка за решавање на значајните социо-економски влијанија на корона вирусот, важноста на регионалната соработка, како и за начините за најдобро управување со безбедносните предизвици.

На 26 март 2020 година, членовите на Европскиот совет го одобрија започнувањето на пристапните преговори со Албанија и Република Северна Македонија. Сепак, процесот на проширување и стабилизација и асоцијација нема да се дискутира за време на самитот. Наместо тоа, тоа ќе биде проценето во согласност со утврдената практика. Советот за општи работи се очекува да донесе заклучоци за процесот на проширување и стабилизација и асоцијација во јуни.