На самитот ЕУ–Западен Балкан, Загреб 2020 одржан преку видео конференција лидерите на земјите членки на Европската Унија, првите луѓе на Европскиот Совет, на Европскиот Парламент и на Европската Комисија, како и шефовите на држави и влади на земјите од Западен Балкан донесоа и прифатија заедничка декларација, во која Европската Унија уште еднаш ја потврди својата недвосмислена поддршка за европската перспектива на Западен Балкан.

Западниот Балкан припаѓа во Европската Унија и ние имаме обврска кон него, ваква охрабрувачка порака за интегрирањето на регионот во Унијата беше испратена од претседателката на Европската Комисија, Урсула фон Дер Лајен, веднаш по самитот.

„Западниот Балкан припаѓа во Европската Унија и тоа воопшто не е прашање за нас“, изјави Урсула фон дер Лајен.

Сепак од регионот се бара да ги продолжи реформите.

„Владите во регионот ќе мора да продолжат да испорачуваат реформи, особено во делот на владеењето на правото и борбата против корупцијата, функционирањето на демократските институции и јавната администрација. Тоа значи справување со корупцијата и организираниот криминал каде ние сакаме да видиме јасни постигнувања“, нагласи Фон дер Лајен.

Идентични очекувањата од регионот има и претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел, но тој притоа подиректно за тоа ги спомена и добрососедските односи, споменувајќи ги одделно и договорите кои Македонија ги има потпишано со Грција и Бугарија.

„Го поздравивме прогресот направен во насока на намалувањето на тензиите во регионот, пред се со Договоро од Преспа меѓу Северна Македонија и Грција, како и Договорот за пријателство меѓу Северна Македонија и Бугарија. Имплементацијата на овие договори е многу важна за да се помогне да создаде позитивен момент и да се постигнат резултати“, рече Шарл Мишел.

Декларацијата од Загреб повикува на единство и солидарност во борбата со пандемијата. Во таа насока Европската Унија се залага за своите партнери од Западен Балкан и останува посветена на активна поддршка на нивните напори за борба против коронавирусот и за справување со последиците врз општествата и економиите.

Во заедничката декларација се потенцира дека Европската Унија и земјите од Западен Балкан заедно се борат против коронавирусот и со последиците од пандемијата Ковид-19. Европската Унија мобилизираше пакет од над 3,3 милијарди евра во корист на земјите од Западен Балкан. Овие средства, освен за пост-пандемичкото закрепнување, се наменети за непосредна поддршка за здравствениот сектор, за потребите на социјалното и економско закрепнување на земјите од регионот. Дополнителна поддршка се пакетот од 750 милиони евра за макрофинансиска помош и 1,7 милијарди евра од Европската инвестициска банка.

Декларацијата од Самитот истакнува дека пандемијата покажува дека Европската Унија и земјите од Западен Балкан заедно се справуваат со заедничките предизвици. Оваа соработка вклучува заедничка набавка и неограничен пристап до заштитна лична опрема, обезбедување и брз проток на основните производи преку зелените коридори што ги поврзуваат Европската Унија и Западен Балкан, снабдување од страна на Европската Унија со коронавирус тестови на Западен Балкан, како и тесна соработка со релевантни здравствени тела во земјите на Европската Унија и на регионот.

Со декларацијата партнерите од Европската Унија и од Западен Балкан се обврзуваат за безбедна, силна, стабилна и обединета Европа, обединета со историските, културни и географски врски и за заштита на взаемно прифатените политички, безбедносни и економски интереси.

Линк до декларацијата