Законодавството на поглавјето 22 се состои главно од рамковни и регулативи за спроведување, за кои не се очекува транспонирање во националното законодавство. Тие ги дефинираат правилата за изготвување, одобрување и спроведување на структурните фондови и програмите на фондот за кохезија кои ја рефлектираат територијалната организација на секоја држава.
Овие програми се преговараат и договараат со Комисијата, но спроведувањето на истите е одговорност на државите-членки. Државите-членки мора да го почитуваат законодавството на ЕУ во целост, во областа на јавните набавки, конкуренцијата, животната средина, како и при изборот и спроведувањето на проектите.
Државите-членки мора да имаат воспоставена институционална рамка и соодветен административен капацитет кои што обезбедуваат програмирање, спроведување, мониторинг и евалуација, на ефективен и економичен начин, од гледна точка на управување и финансиска контрола.