7 октомври, 2020 – Денеска во Скопје се одржа петтиот дијалог меѓу ЕУ и РСМ за политиките во управувањето со јавните финансии, заедно со редовниот состанок на Секторската работна група за управувањето со јавните финансии.

По воведните обраќања на министерот за финансии, Фатмир Бесими и на раководителот на секторот за соработка при Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија, Никола Бертолини, претставници на државните институции вклучени во спроведувањето на Програмата за реформа на управувањето со јавните финансии го презентираа нацрт-извештајот за спроведувањето на Акцискиот план од Програмата за првото полугодие годинава, односно од јануари до август 2020 година.

Во вториот дел од состанокот, присутните, како и претставниците на набљудувачите во Секторската работна група, односно донаторската заедница и граѓанските организации дискутираа за важни прашања од спроведувањето на реформата на управувањето со јавните финансии. Претставниците на граѓанските организации особено се заложија за поголемо учество на претставниците на граѓанскиот сектор во изборот на членовите на т.н. Фискален совет кој е предвиден да се формира со новиот Предлог на Закон за буџети чијшто нацрт-текст моментално е ставен на Електронскиот национален регистар на прописи за сугестии и коментари.