Денеска 12.03.2021 во рамки на проектот Дијалог со граѓанските организации – Платформа за структурно учество во ЕУ интеграциите се одржа онлајн секторска консултација на тема „Ефектите од работата на Секторската работна група за конкурентност и иновации и идните предизвици за подобрување на соработката помеѓу граѓанските организации и институциите“

Програмскиот менаџер за истражување од Фондација Отворено Општество – Македонија, Горан Лазаров ги претстави целите на проектот „Дијалог со граѓанските организации – Платформа за структурно учество во ЕУ интеграциите“ како и насоките во однос на подобрување на работата на сите секторски работни групи. Лазаров укажа на резултатите од спроведената  анкета со 107 граѓански организации (ГО) околу запознаеноста и работата на СРГ. Според добиените податоци, само 9% од анкетираните ГО имаат свој претставник во СРГ, 76% од ГО се изјасниле дека не дале придонес во работата на СРГ, а дури 94% покажуваат интерес за учество во работата на СРГ и придонес во планирањето на програмирањето на ИПА. Овие бројки укажуват на тоа дека учеството на ГО во секторските политики мора да биде подобро координирано и посеопфатно. Во своето обраќање Лазаров ја истакна заложба, во идниот период, во соработка со Секретаријатот за европски прашања, да се ревидира Моделот на избор на претставниците на граѓанските организации во сите секторски работни групи преку менување на Деловниците за работа. Потоа, посочи дека е неопходно секторските работни групи да имаат годишни планови за работа, за да може да се предвиди динамиката, документите и очекувањата од работата на оваа група и  да ги почитуваат принципите на транспарентност на кој се заснова работењето на СРГ. Во таа насока неопходно е на интернет страницата на ресорното министерства да се постават вести, документи, решенија и записници од одржаните средби на секторската работна група, како начин за информирање на сите заинтересирани страни.

Сабина Факиќ, програмски директор во Центарот за граѓански комуникацииги претстави главните наоди од последниот извештај конкурентност и иновации. Таа истакна дека во работата на оваа СРГ не учествуваат граѓанските организации ниту како членови ниту како набљудувачи и дека од основање на оваа СРГ до сега немало официјална иницијатива за вклучување на граѓански организации. Од тнр.„недржавни актери“ во работата на оваа секторска работна група учествуваат претставници на стопанските комори. Факиќ оцени дека немањето претставници на граѓанските организации во работата на секторската работна група, малиот број на состаноци што се одржуваат и ниското ниво на транспарентност и отчетност во работењето оневозможуваат оваа СРГ да прерасне во функционален механизам за иницирање на дијалог на сите засегнати страни во насока на подобрување на конкурентноста на економијата и зголемување на продуктивните инвестиции. Во насока на унапредувањето на работатата на оваа СРГ Факиќ даде две главни препораки и тоа вклучување на претставници на граѓанските организации во работата на оваа секторска работна група преку транспарентен процес на избор на претставниците и зголемување на транспарентноста во работењето.

Вицепремиерот задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи истакна дека секторската работна група за конкурентност и иновации е само еден од механизмите за дијалог покрај Економскиот совет и Платформата за јавно-приватен дијалог. Иако смета дека учеството на граѓанското општество во секторската работна група е обезбедено преку учеството на стопанските комори, сепак изрази продготвеност да се иницираат измени на Деловникот за работа на оваа секторска работна група и да се иницира процес на вклучување и на граѓанските организии чии визии и мисии се вклопуваат во целите на оваа секторска работна група. Битиќи изјави дека не смета дека се нарушени основните начела на  транспарентност во работењето на секторската работна група, но се согласи дека има простор за подобрување и тоа ќе биде спроведено.

Јадранка Аризанкова од Стопанската комора на РСМ истакна дека е многу важно заедно да се градат стратегиите за подигање на конкурентноста бидејќи приватните компании имаат ниско ниво на продуктивност и низок технолошки развој.Таа повика во работата на оваа секторската работна група да се зголеми и бројот на членови со вклучување на граѓанските организации и академијата, како и бројот на состаноци.

Раководителката од Секретаријалот за европски прашања (СЕП), Христина Конеска Беровска оцени дека Владата на РСМ и СЕП гледаат на граѓанските организации како на клучен партнер во евроинтеграциските процеси. Според неа во последните неколку години улогата на граѓанските организации е особено значајна и видлива преку мониторингот на процесите што овозможува конструктивна критика која ги поттикнува и забрзува реформите, како и транспарентност и отчетноста на институциите. Беровска посочи дека е потребно да се развие јасен механизам преку кои граѓанските организации ќе ги бираат своите претставници во сите работни тела, вклучувајќи ги и секторските работни групи и дека е особено значајно соработката да се гради врз основа на взаемна доверба.

На настанот присуствуваа над триесет претставници на граѓанските организации, државните институции, претставници на секторските групи и медиумите.

Оваа конференција е дел на проектот „Дијалог со граѓанските организации – Платформа за структурно учество во ЕУ интеграциите“, кој го координира и имплементира Фондацијата Отворено општество – Македонија, со партнерите Реактор – Истражување во акција, Евротинк – Центар за европски стратегии и Центар за граѓански комуникации.

Видеото од настанот можете да го погледнете на следниов линк.

Целиот извештај за Секторската работна група за конкурентност и иновации можете да преземете на следниов линк.