Денеска 02.03.2021 во рамки на проектот Дијалог со граѓанските организации – Платформа за структурно учество во ЕУ интеграциите се одржа онлајн секторска консултација на тема „Ефектите од работата на Секторската работна група за животна средина и климатски акции и идните предизвици за подобрување на соработката помеѓу граѓанските организации и институциите“

Извршната директорка на Фондација Отворено Општество – Македонија, Фани Каранфилова-Пановска истакна дека примената на добро осмислена ефективни и ефикасни климатски акцији не може повеќе да се одложува. Климатските акции се еден од трите приоритети на Фондациите отворено општество во регионот, истакна таа, додавајќи дека во стратешките приоритети, трите К, покрај климатските акции, се и Ковид-19 и корупцијата.  Ублажувањето на последиците од климатските промени и барањето системски трансформации треба, според  Каранфилова-Пановска, да понудат нови економски можности кои ќе бидат дистрибуирани на поправеден начин и нема зад себе да ги остават ранливите категории на граѓани. Во однос на поглавјето 27 – Животна средина и климатски промени, посочи дека станува збор за најобемното поглавје за кое дефинитивно се потребни најмногу финансии и инвестиции, што само дополнително ја потврдува важноста за вклучување на сите засегнати страни во креирањето на политиките на овие така важни теми. За крај околу работата на секторската работна група за Животна средина и климатски промени посочи дека и покрај тоа што е основана во 2015 година таа сѐ уште нема усвоен деловник, ниту пак решение за работа. Воедно СРГ како формален механизам за соработка меѓу граѓанското општество и институциите, неопходно е да креира годишен план за работа, за да може да се предвиди динамиката и очекувањата од работата на оваа група.

Блажен Малески, истражувач во Реактор ги претстави главните наоди од последниот извештај за работата на Секторската работна група за животна средина и климатски промени. Притоа укажа на проблеми со транспарентноста за нејзината работа, отсуството на деловник и решение за работа. Истовремено посочи дека иако оваа Секторската работна група треба да гарантира граѓанско учество и има силен интерес за нејзината работа, таа е останува една од позатворените работни групи. Додаде и дека Министерството за животна средина и просторно планирање оваа група ја гледа како дополнителен товар, наместо како важен ресурс за креирање политики. Оттука, Малевски препорача учество на граѓанските организации во оваа СРГ да биде јасно дефинирано, транспарентно и проактивно и генерално да се работи на унапредување на транспарентноста на оваа СРГ.  

Министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини истакна дека министерството има политика на отворени врати и дека имаат редовни средби со граѓанските организации во креирањето на политиките. Нуредини истакна дека постои јасна свест дека климатските промени се најголемата закана за човештвото и дека се знаат импликациите врз животот на луѓето. Тој додаде дека со оглед на Ковид-19 кризата, актуелниот период и не е најдобриот за активности на ова поле, бидејќи не постои вакцина за климатските промени. Но, дека Владата активно работи на поставување на јасна цел за климатски акции кои ќе бидат насочени и кон намалување емисијата на стакленичките гасови и дека на овој  процес работата и соработуваме и со МАНУ.

Раководителот на секторот за соработка во Делегацијата на Европската Унија, Никола Бертолини посочи дека заштитата на животната средина не е приоритет на државните институции, и оттука во неа не се вложени потребните ресурси, ниту финансиски, ниту кадровски.  Според него со оглед на тоа што политичарите работат само на барање на граѓаните. Ако на времето имаше шарена револуција сега е потребна револуција за животната средина и во тој правец потребно е граѓанските организации да ги мобилизираат граѓаните и заштита на животната средина да стане приоритет. Во однос на Секторската работна група за животна средина и климатски промени Бертолини истакна дека таа треба да созрее и од сегашното поимање како секторската работна група за програмирање на ИПА проектите да прерасне во тело кое ќе биде насочено и кон креирање политики и акции за заштита на животната средина и ќе го слуша гласот на граѓанското општество.

Секторската работна група за животна средина и климатски акции во својот состав има широк опфат надлежни институции за креирање на политиките поврзани со тематиката. За нејзината работа е надлежно Министерството за животна средина и просторно планирање,  претседавач е министерот. Составот на секторската работна група вклучува претставници од државните институции кои имаат надлежност во оваа област, донаторска заедница и граѓанските организации. Во секторската работна група се вклучени шест (6) претставници на граѓанските организации, но поради недостиг на формални акти за работата на секторската група нивниот статус е нерегулиран.

На настанот присуствуваа над осумдесетина претставници на граѓанските организации, државните институции, претставници на секторските групи и медиумите.

Оваа конференција е дел на проектот „Дијалог со граѓанските организации – Платформа за структурно учество во ЕУ интеграциите“, кој го координира и имплементира Фондацијата Отворено општество – Македонија, со партнерите Реактор – Истражување во акција, Евротинк – Центар за европски стратегии и Центар за граѓански комуникации.

Видеото од настанот можете да го погледнете на следниов линк.

Целиот извештај за Секторската работна група за животна средина и климатски акции можете да преземете на следниов линк.