На 24 јануари 2020 година, Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини и Извршната директорка на Фондацијата Отворено општество – Македонија Фани Каранфилова-Пановска потпишаа меморандум за соработка.

Меморандумот за соработка е заложба помеѓу Министерството за животна средина и просторно планирање (МЗЖПП) и Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ) да се овозможи учество на граѓанското општество во клучните секторски реформи во областа животна средина и климатски промени како дел од процесот на пристапување кон ЕУ. 

Имајќи ја предвид важноста која ја имаат за ФООМ прашањата врзани со ефектите од климатските промени, но пред сѐ со заштитата на животната средина, проектот „Дијалог со граѓанските организации – платформа за структурно учество во ЕУ интеграциите“, преку оваа соработка со МЗЖПП ќе спроведува активности кои ќе овозможат актуелизирање на овие теми на повеќе нивоа. Во рамките на оваа соработка, проектот ќе овозможи зголемена видливост на секторската работна група „Животна средина и климатски промени“ и активно ќе ја поддржува нејзината работа преку обезбедување суштинско и структурно учество на граѓанското општество. Секторските работни групи претставуваат меѓу-ресорски форум за водење на дијалог за политиките во секторот, место каде се утврдуваат приоритетите за финансиската поддршка од ЕУ и каде се координира целокупната странска помош.

Со меморандумот за соработка ФООМ се обврзува да ја развива платформата www.dijalogkoneu.mk како централна точка за споделување на суштински и релевантни информации од институциите и граѓанските организации. На платформата се наоѓаат информации за секторските политики, поглавјата за пристапување кон ЕУ, како и надлежностите и мандатот на секоја секторска работна група. Дополнително, ФООМ ќе ги гради капацитетите на институциите и граѓанските организации, ќе спроведува секторски консултации, ќе подготви 27 извештаи за работата и функционалноста на секторските работни групи и ќе спроведе други активности од значење за структурниот дијалог.

Во рамки на воспоставената соработка и партнерство, а во функција на структурниот дијалог, MЖСПП ќе споделува и разменува суштински и релевантни информации важни за граѓанското општество за учество во секторските политики и националните консултативни процеси. Дополнително ќе овозможи присуство на претставници од МЖСПП на работилници и конференции како и присуство на претставници и истражувачи (дел од граѓанското општество на секторските работни групи) кои ќе изготват независен годишен извештај за работењето на секторската работна група.

Проектот „Дијалог со граѓанските организации – Платформа за структурно учество во ЕУ интеграциите“ е финансиран од Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија, имплементиран од ФООМ во партнерство со Евротинк – Центар за Европски стратегии, Центар за граѓански комуникации и Реактор – Истражување во акција, а во соработка со Секретаријатот за европски прашања.