Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи на денешната прес конференција наменета за соработката со ЕУ за справување со пандемијата на корона вирусот (COVID-19), истакна дека синоќа од Брисел стигнала добра вест, односно отпочнување на преговорите на Северна Македонија во ЕУ.

Доцна вечерта од Брисел добивме информација дека, во вакви невообичаени услови, претставниците на земјите членки постигнаа консензус за отпочнување на преговорите за Северна Македонија, едногласно сите 27 земји. Конечно после 15 години, после сите разлики, почнуваме со преговорите, рече Османи.

Позитивната вест доаѓа по средбата на постојаните претставнци на земјите членки на ЕУ, на која било разговарано и за проширувањето. Османи изрази очекување одлуката да биде потврдена денеска, а на 24 март од страна на министрите за Европа и на самитот на министри на 26 март.

Османи во продолжение претстави дел од првичните мерки, кои во име на Владата со писмо до еврокомесарот за проширување, Оливер Вархељи, ѝ ги претстави на Европската комисија:

  • Вклучување во Европскиот солидарен фонд за природни непогоди, кој по барање на Европската комисија ќе биде проширен и за справување со последиците од корона вирусо, а во кој пристап имаат земјите членки и земјите што преговараат за членство
  • Таканаречената награда за успешност (Performance award) во износ од 50 милиони евра, која ни беше доделена поради успешна реализација на ИПА-средствата, да биде пренаменета во поддршка за справување со предизвиците од епидемијата наместо за приоритетите за кои првично беше планирана

Покрај учеството во програмите и мерките на Унијата, Османи пренесе дека ќе побара од Европската комисија земјава да биде исклучена од рестрикциите на единствениот пазар на ЕУ, а кои се однесуваат најмногу на медицински материјали и опрема.