Во рамки на проектот “Дијалог со граѓанските организации-Платформа за структурно учество во процесот на пристапување кон ЕУ” на 12 декември 2019 година во Скопје се одржа консултативна средба на преставниците на министерствата за труд и социјална политика и за образование и наука со граѓанските организации. На средбата претставниците на ресорните министерства ги претставија стратешките документи-Ревидираната програма за реформи во вработувањето и социјалната политика 2022 (ЕСРП) и Рамката на индикатори на успешноста (ПАФ). Станува збор за документи кои треба да се усвојат на секторската работна група “Образование, вработување и социјална политика”.

На консултативната средба се разговараше за поставените цели и мерки како и начинот на мерење на успешноста на нивната реализација. Граѓанските организации на средбата имаа можност да дадат коментар и конкретни препораки за содржината и со тоа да придонесат во процесот на креирање на документите. Особен фокус во дискусијата беше ставен на предлог индикаторите кои се дефинирани според стратешките документи и тековните реформи во министерствата и истите треба да бидат мерливи и да овозможат соодветно следење на прогресот. Можноста за коментари по стратешките документи (ПАФ и ЕСРП) е дадена и по одржување на оваа средба преку веб платфoрмата dijalogkoneu.mk.

Оваа консултативна средба следуваше по препораки дадени во рамките на проектот „Дијалог со граѓанските организации-Платформа за структурно учество во процесот на пристапување кон ЕУ” во насока на интензивирање на дијалогот и соработката на граѓанските организации и институциите во процесот на пристапување кон Европската Унија.