Европската Комисијата усвои нов предлог пакет од 3 милијарди евра за макро финансиска помош за десет држави од проширувањето и соседството, за да им помогне да го ограничат економскиот ризик предизвикан од пандемијата на корона вирусот.  Помошта треба да помогне во обезбедувањето на макроекономска стабилност и заштитата на граѓаните и компаниите за време на кризата.

Предлогот е дел од  стратегијата Тим Европа на ЕУ за поддршка на државите партнери во справувањето со пандемијата на корона вирус, и истиот  ја демонстрира солидарноста на ЕУ со овие држави во време на актуелната криза. Предлогот се темели на прелиминарна проценка на потребите за финансирање. За Северна Македонија  алоцирани се 160 милиони евра, а распределбата на останатите средства по држави е на следниот начин: Албанија 180 милиони евра, Босна и Херцеговина 250 милиони евра, Грузија 150 милиони евра, Косово 100 милиони евра, Кралство Јордан 200 милиони евра, Молдавија 100 милиони евра, Тунис 600 милиони евра, Украина 1,2 милијарди евра и Црна Гора 60 милиони евра.

Средствата за макро финансиска помош ќе бидат достапни 12 месеци во вид на заеми по поволни услови, наменети да помогнат за покривање на неопходни, итни потреби за финансирање на државите. Тие треба да придонесат за зајакнување на макроекономската стабилност и овозможување распределба на ресурси за заштита на граѓаните, како и ублажување на негативните социоекономски последици од пандемијата на корона вирус. 

Овој инструмент останува достапен и за останати држави кои имаат тешкотии во платниот биланс.

По усвојувањето на предлогот, Европската Комисијата е подготвена да ја исплати брзо првата рата по усвојувањето на одлуката за макро финансиска помош и склучување на Меморандум за разбирање со секоја држава. Втората рата би можела да биде исплатена во четвртиот квартал на 2020 година или во првата половина на 2021 година, под услов мерките да се спроведат навремено.

Макро финансиската помош е дел од поширокиот ангажман на ЕУ со соседните земји и земјите од проширувањето во вид на посебен инструмент за реакција на кризи во ЕУ. 

За да можат да ја користат макро финансиската помош, државите треба да исполнуваат одредени политички предуслови во однос на почитувањето на демократските принципи, човековите права и владеењето на правото. 

Покрај макро финансиската помош, ЕУ ги поддржува државите од соседството и Западен Балкан преку неколку други финансиски инструменти, хуманитарна помош, буџетска поддршка, тематски програми, техничка помош, комбинирани финансиски инструменти и гаранции од Европскиот фонд за одржлив развој наменети за поддршка на инвестициите во секторите кои се најмногу засегнати од пандемијата на корона вирус.