„Заедно сме во борбата против овој злобен вирус. Во ова време на нужда, ЕУ ќе ја поддржи Северна Македонија со: 4 милиони евра за итни потреби, 50 милиони евра за социоекономско опоравување, 9 милиони евра за приватниот сектор, 3 милиони евра директна поддршка за буџетот“ објави амбасадорот на ЕУ во земјава Самуел Жбогар на својот твитер профил.

Ова беше најавено и на денешната прес конференција во Владата по повод добиената согласност за отпочнување на преговорите за членство во ЕУ. Техничкиот премиер Оливер Спасовски и вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, соопштија дека нашата земја очекува помош од 70 милиони евра што ќе се активираат во различни фази за здравствениот систем, а потоа и за помош на економијата.

“Се што требаше да биде преземено од македонската Влада е направено, во постојана комуникација сме. За неколку дена може да ја очекуваме и првичната помош. Активиран е делот од цивилната заштита. Значи сите активности што треба од страна на македонската Влада и ЕУ се преземаат се со цел заеднички успешно да се справиме со пандемијата”, изјави премиерот Спасовски.