Предлог-преговарачката рамка според која ќе се водат преговорите за членство на Република Северна Македонија во Европската Унија е усвоена на 1 јули 2020 година од страна на Европската Комисија.  Според проценките, предлог-рамката веќе идната недела ќе се разгледува во Брисел меѓу земјите членки на експертско работно ниво.

Комесарот за соседска политика и проширување на ЕУ, Оливер Вареји по усвојувањето на предлог-преговарачката рамка изјави: „Уште еден важен чекор на патот на Албанија и Северна Македонија кон Европската Унија. Ги претставивме рамките за спроведување на пристапните преговори. Нашите предлози се засноваат на ревидираната методологија за проширување што ја претставивме во февруари годинава, за да го направиме пристапниот процес покредибилен, подинамичен, попредвидлив  и со посилно политичко управување.“ Еврокомесарот најави дека со нетрпение ги очекува дискусиите со земјите-членки и што поскоро одржување на првите меѓувладини конференции со двете земји.

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров по усвојувањето на предлог-преговарачката рамка за земјата изјави: „Мислам дека има убава симболика што ЕК ја заврши својата задача врз основа на одлуката од март, токму на 1 јули, денот кога претседавањето со Советот на ЕУ го презема Берлин и јас сум убеден дека како што беше за нас историско хрватското претседателство, така ќе биде и германското претседателство и заедно со германската поддршка во следните месеци ќе ја отвориме првата меѓувладина конференција.“

Со првата меѓувладина конференција би започнал преговарачкиот процес, по завршување на т.н. скрининг и отворањето на првиот кластер – Основни вредности, кој ги опфаќа клучните реформски области од Поглавјето 23 – Правосудство и фундаментални права, Поглавјето 24 – Правда, слобода и безбедност, економските критериуми, функционирањето на демократските институции, реформата на јавната администрација, Поглавјето 5 – Јавни набавки, Поглавјето 18 – Статистика и Поглавјето 32 – Финансиска контрола.