Советот за општи работи на Европската Унија денеска даде согласност за отпочнување на преговорите со Република Северна Македонија за членство во ЕУ. Одлуката е донесена на денешната видео конференција на Советот за општи работи на ниво на министри за надворешни работи што се водеше од Загреб. Долгоочекуваната вест на твитер ја објавија државниот секретар за европски прашања Мајкл Рот и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји.

„Добра вест во овие мрачни времиња: Конечно зелено светло од денешната видео конференција на Советот за отворање на преговорите за ЕУ членство со нашите пријатели од Сверна Македонија и Албанија. Честитки Тирана и Скопје“, напиша на својот твитер Рот.

Честитики за двете земји упати и Вархеји. „Задоволен сум што земјите членки на ЕУ денеска постигнаа политички договор за отворање преговори со Албанија и Северна Македонија. Им честитам на двете земји“, напиша Вархеји.

Веста за добиената согласност за отпочнување на преговорите со Европската Унија попладнево на македонски граѓани на специјална прес конференција им ја соопштија техничкиот премиер Оливер Спасовски, вицепремиерот Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров. 

Безусловната согласност за отпочнување на преговорите за членство во Европската Унија е добиена по 15 години откако земјата го стекна кандидатскиот статус.